Миланов: Диво Насеље не беше тepopизам – ММС
ММС

Објавено на: 05/17/19 1:55 PM

Миланов: Диво Насеље не беше тepopизам

Фото: Архива

Немилиот настан кој во 2015 –та година се случи во кумановско Диво Насеље не е терористички акт – смета адвокатот, Еленко Миланов. Како бранител на дел од осудените во овој случај, тој на денешната јавна седница на Апелација за жалбите на пресудите, реагираше дека основна грешка во оваа постапка е правната квалификација тероризам.

„Во конкретниот случај, сето тоа што е изведено како доказ нема доволно аргументи  и факти дека ова навистина претставува тероризам. Неспорно е дека интервенирираше полицијата врз основа на наредба. Во текот на постапката не се изведе јасен и прецизен доказ за тоа кој почнал прв со интервенцијата“.

Миланов се пожали дека на обвинителството биле прифатени 2 докази, вештачење и ЦД-материјал, надвор од сите рокови на ЗКП, додека, пак, на обвинетите не им бил дозволен ниту еден доказ.

Основниот суд Скопје 1 во 2017 година изрече седум доживотни затворски казни за обвинетите од Диво Насеље, на 13 обвинети им изрече единствена затворска казна во траење од 40 години, шестмина се осудени на затвор од 20 години, еден обвинет доби 18 години затвор, двајца затвор од 14 години, двајца 13 години, а четворица поради немање докази се ослободени од обвиненијата. На шеснаесет обвинети судот им изрече и казна протерување странец засекогаш од територијата на Република Северна Македонија.