Советот на Европа денеска усвои декларација со која на Русија и се враќа правото на глас во СЕ.
Министрите за надворешни работи од 47 земји членки на СЕ со големо мнозинство ја поддржаа декларацијата во која се наведува дека сите членови треба да имаат „право да учествуваат“ во двата главни органи на СЕ на „рамноправна основа“.
Тоа значи дека на Русија и е вратено правото на глас.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров го поздрави гласањето и ги потврди обврските на Русија, вклучително и плаќањето на членарината.
Тој посочи дека Русија го цени „позитивниот придонес“ на СЕ во решавањето на хуманитарните прашања како и подобрување на рускиот правосуден систем.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков истакна дека Русија е подготвена да соработува со СЕ само додека има „рамноправен став“ во сите механизми за одлучување.
Шефот на украинската дипломатија Павло Климкин вчера неочекувано го откажа присуството на состанокот во Финска.
Украинскиот амбасадор во СЕ, Дмитро Кулеба на Твитер напиша дека Украина и уште пет земја гласале против предлогот, кој го опиша како „цинична дипломатија“ за да се спаси „долгорочниот партнер“.
МИА