Градиме општество со еднакви права за сите и овозможуваме еднаква заштита и достоинствен живот за сите граѓани и граѓанки на Република Северна Македонија, соопштија од Министерството за труд и социјална политика, по повод изгласувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Посочија дека Законот е изгласан во пресрет на Меѓународниот ден против хомофобијата, потенцирајќи дека ќе стапи на сила веднаш по потпишувањето од страна на претседателот на државата.
– Законот за спречување и заштита од дискриминација е т.н. lex generalis, односно не ја уредува детално секоја област на која се однесува. Во новиот Закон се вклучени општи одредби, кои подетално се уредуваат во посебни закони. Законот за спречување и заштита од дискриминација, со вклучувањето на основите на сексуална ориентација и родов идентитет, ја проширува заштитата од дискриминација кон оваа група граѓани. Ова законско решение овозможува превенција и еднаков пристап до механизмите за заштита од дискриминација за сите граѓани. Основа за донесување на овој закон е токму Уставот на Република Северна Македонија, во кој се утврдени основните слободи и правата на човекот и граѓанинот, соопштија од МТСП.
Наведоа дека Законот за спречување и заштита од дискриминација има добиено позитивни мислења од Венецијанска комисија, од Обеднитетите нации, од Европската Унија и од ОБСЕ-ОДИХР.
– Од Венецијанска комисија, од ОН, од ЕУ и од ОБСЕ-ОДИХР истакнуваат дека Република Северна Македонија, со ова ново законско решение, прави значаен чекор во борбата против сите форми на дискриминација, почитувајќи го и вклучувајќи го законодавството на ЕУ и меѓунардоните стандарди за човекови права, соопштија од Министерството.
На иницијатива и со поддршка на Министерството за труд и социјална политика Буџетот на Комисијата за заштита од дискриминација за 2019 година е зголемен од 6.652 милиони денари на 15.138 милиони денари.
– Буџетот е зголемен со цел спроведување на новите надлежности на Комисијата предвидени со новиот закон. Согласно со новиот Закон за спречување и заштита о дискриминација, во рок од три месеци по неговото влегување во сила Собранието треба да направи избор на новата Комисија за заштита од дискриминација. Истовремено со новиот закон се предвидува формирање и на стручна служба, информираа од МТСП