Се чека средба Заев-Ахмети за почеток на „метлата” – ММС
ММС

Објавено на: 05/17/19 6:58 AM

Се чека средба Заев-Ахмети за почеток на „метлата”

Кога точно ќе почнат промените во раководни структури на министерско ниво, во државните институции, општините каде државата е претставена со одредни државни институции, и кого се ќе опфати најавената „метла” зависи од средбата што премиерот Зоран Заев треба да ја има со коалицискиот партнер Али Ахмети.

Вчера од Владата посочија дека засега се уште не е утврден термин за средба на премиерот Заев со лидерот на ДУИ Ахмети во врска со најавената владина реконструкција.

-Во овој момент немаме прецизна информација за датум и време за средбата. Во однос, пак, на владината реконструкција тоа е одлука на ниво на коалициски партнери, рече владиниот портпарол Миле Бошњаковски, а за повеќе информации упати на политиките партии.

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи истакна дека промените во Владата ќе следуваат по средбата на  Заев и Ахмети, лидери на најголемите партии во владејачката коалиција.

– Во средата имаше нивна кратка средба на еден настан, но без простор да се отворат овие прашања. Очекуваме деновиве да се оствари тематска средба за потребите од зајакнување на капацитетите на Владата во поглед на фокусот на економските прашања дека ги затворивме политичките теми. И двајцата лидери на коалицијата имаат свој концепт како треба да се зајакнат тие капацитети и треба да седнат и да донесат конкретни одлуки, истакна Османи.

Тој смета дека најавените кадровски промени во извршната власт ќе значат подобрување на капацитетите во однос на зајакнување на политиките поврзани со економските прашања. Османи истакна дека по средбата Заев – Ахмети, и партиските тела ќе дебатираат по истите прашања.

Премиерот Заев завчера истакна дека неисполнување на одредени очекувања на граѓаните, неагилниот однос на одредени носители на високи функции, непотизмот, укажувањата од Антикорупциска, ќе бидат критериумите врз основа на кои ќе се реализира најавената „метла” на крајот на мај и почетокот на јуни.

Како што најави, во почетокот на јуни ќе излезе комплетно со промени во раководни структури на министерско ниво, во државните институции, а крајот на јуни ќе почне и по вертикала во општините каде државата е претставена со одредни државни институции. Паралелно најави и промени во СДСМ.

Досега повеќе актуелни министри, меѓу кои и вицепремиерот Кочо Анѓушев, министрите за внатрешни работи, за финансии, за транспорт и врски, за информатичко општество и администрација и за образование и наука, најавија дека ја подржуваат најавената владина реконструкција, како и тоа дека ќе ја почитуваат евентуалната одлука за нивна смена од ресорните министерства.

Премиерот и претседател на СДСМ Заев најави дека по завршувањето на претседателските избори ќе дојде редот на „метлата” која ќе чисти во јавните претпријатија, министeрствата и Владата.

Тој посочи дека ќе има промени за да се отстранат слабостите во извршната власт и оти веднаш ќе почне со анализи во одредени консултации со првите соработници.

Веднаш по изборите стигна и првата оставка од министерот за култура Асаф Адеми која, како што рече премиерот Заев ја очекувал, бидејќи тој ја најавувал повеќе од шест месеци од здравствени проблеми.

МИА