Во Кривичниот суд во Скопје за денеска се закажани рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Триста”, „Тврдина 2″ и „Топлик”.
Во „Триста” обвинет е поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службена должност при набавката на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи.
Судијката Добрила Кацарска во мај минатата година го осуди Поповски на девет години затворска казна за злоупотреба на службената должност, а во декември минатата година Апелација ја укина првостепената пресуда за случајот и го врати на повторно судење.
Според обвинението на СЈО, Поповски не ги почитувал законските прописи за јавна набавка и го оштетил буџетот 453.570 евра.
Во „Тврдина 2″ првообвинет е екс-началникот на Петтата управа, Горан Грујовски, како и шест вработени во УБК. Минатата расправа беше одложена поради недоставената пресуда на Врховниот суд на Грција од страна на Министерството за правда на Северна Македонија.
На обвинетите во случајот „Тврдина 2″ им се суди за фалсификување службена исправа и за уништување службена документација поврзано со незаконското прислушување. Документацијата е поврзана со двата система од нелегалното прислушување, кои соред СЈО, биле уништени во текот на 2014 година.
Во случајот „Топлик” првоосомничен е ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град” во Сопиште и уште пет други лица.
Според обвинението на СЈО, првоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град” во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.
Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити”. Според обвинението Јанакиески и другите петмина обвинети го оштетиле државниот Буџет за 64.206.839 денари односно за милион и 44.000 евра.
МИА