Дискусија: Унапредувањето на безбедносниот систем условено од брзината на реформите во оваа област – ММС
ММС

Објавено на: 05/16/19 1:36 PM

Дискусија: Унапредувањето на безбедносниот систем условено од брзината на реформите во оваа област

Унапредувањето на безбедносниот систем е условено од брзината на реформите во оваа област, што ќе овозможи развој на безбедносниот систем на Северна Македонија и поголема стабилност на земјата –ова е пораката испратена од денешната академска дискусија „Предизвиците на Република Северна Македонија пред и по членството во НАТО”.

Деканот на Факултетот за безбедност-Скопје, Никола Дујовски, рече дека земјава долг период се обидувала да стане членка на НАТО.

„Република Македонија 27-28 години не успеа да стане членка на НАТО, иако Армијата и сите други безбедносни структури вложија натчовечки напори и јас сум сигурен дека се подеднакво подготвени и опремени како добар дел од армиите во НАТО, но не успеа. Република Северна Македонија ќе успее за помалку од една година. И тоа ја прави разликата начинот на користење на новото име на државата да биде поедноставен и полесен, и повеќе луѓе побрзо да прифатат дека таа нова држава, Северна Македонија, ќе успее наскоро да ги отвори и преговорите за членство во ЕУ, што ќе ни даде уште поголем поттик да работиме во областа на безбедноста“, рече Дујовски, според кој членството во НАТО е повеќе од добра инвестиција.

Претставникот на Фондацијата „Конрад Аденауер” Јоханес Раи, истакна дека НАТО е успешен проект стар 70 години и оти почнал како сојуз со 12 земји основачи:

„По распаѓањето на Советскиот сојуз вкупно 13 дополнителни членки влегоа во НАТО од Централна и Источна Европа. Се надевам дека Северна Македонија наскоро ќе стане 30-та членка на Алијансата“. Според него, НАТО денес се соочува со бројни предизвици, како што се хибридните војни, кибер нападите, лажните вести што со огромна брзина се шират преку социјалните мрежи, и оти на овој план, како што рече, Алијансата мора значително да се подобри.

Тој истакна дека НАТО не е само воен сојуз, туку и политичка организација, што значи треба тесно да соработува со владите и со невладиниот сектор, да превенира и да помага при катастрофи, да ја зајакне цивилната улога.

На дискусијата беа промовирани учебникот „Вовед во безбедноста” од д-р Цане Мојановски, д-р Марјан Ѓуровски и д-р Гојко Павловиќ и монографијата „Индекс на безбедност 2″. Еден од авторите на учебникот „Вовед во безбедноста”,  Марјан Ѓуровски рече дека членството на државата во НАТО е потврда на територијалниот интегритет и суверенитет на земјата.

„Но Алијансата нема волшебно стапче за да ги реши нашите домашни, безбедносни и политички проблеми. Со добивање на поканата за членство, се потврди дека на Алијансата и е потребен кредибилен партнер, кредибилен играч кој ќе одлучува заедно на зелената маса, и доколку сакаме од резервната клупа да се префрлиме на фудбалското игралиште, треба сега поодговорно да се свртиме кон дома“, рече Ѓуровски.

Во двете книги акцентот и заклучоците се ставени на тоа дека сегашната поставеност на безбедносниот систем на земјава треба да се доградува во насока сè повеќе и понагласено да дава одговор на кризите, заканите и загрозувањата и оти затоа се наметнува потребата од градење соодветни безбедносни политики преку нови стратегии, доктрини и концепции.