Семејните винарии од Тиквешијата се здружија – ММС
ММС

Објавено на: 05/15/19 1:20 PM

Семејните винарии од Тиквешијата се здружија

Триесетина семејни винарии од Тиквешијата членуваат во новото здружение кое се формира деновиве. На основачкото собрание беше нагласено дека интерес постои и кај други семејни винарии и очекуваат здружението во наредниот период да се окрупнува.

Горан Јаковлевски е избран за претседател на здружението во кое членуваат семејни винарии од Кавадарци, Неготино, Росоман, Демир Капија и Градско.

„Целта ни е развој на винарството. Сите ние сме производители на вино, ракија, маџун и други производи од грозје. Ќе соработуваме со други здруженија и локалните самоуправи, со стручни лица и надлежните институции при носење на законски акти и слично. Заеднички ќе настапуваме при прекугранична соработка, организирање на саеми и други традиционални настани како Свети Трифун, Тиквешки гроздобер и други, кои имаат за цел унапредување на винарството и туризмот. Заеднички ќе набавуваме репроматеријали и опрема, ќе го промовираме нашето производство“ изјави Јаковлевски.

Од година во година се зголемува бројот на семејни винарии во Тиквешијата, а стурчњаците оценија дека нивните вина произведени во домашни услови имаат значителен квалитет со кои можат да бидат конкурентни на пазарот.

 

Ангел Данов