Во Битола ќе се одржи 21-то издание на Интернационалниот фестивал на монодрама
Дваесет и првото издание на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола ќе се одржи, иако оваа година нема поддршка од Министерството за култура – истакна денеска директорката на Центарот за култура кој го организира овој Фестивал, Маја Андоновска-Илијевски.
„Јас решив да не се откажувам, со сопствени сили и со поддршка од разни институции, фирми и прептријатија од нашиот град, решивмке да го организираме фестивалот. Секако дека поддршката од општината и од претпријатијата е многу важна, но најголемиот товар е на самиот Центар за култура, а не е малку, фестивал од ваков калибар не може да чини под еден милион денари, и тоа најминимум најдомаќински сведени средства“, рече Андоновска-Илијевски.
За оваа година најавуваат и новина, планирани се две дебати под насловот „Монодрамата, од двете страни на сцената“.
„Иницијалната каписла за овие трибини е токму таа неподдршка која ни се случи оваа година, па сакаме малку да ја опипаме температурата кај уметниците и работниците на монодрами во нашата држава и во странство. Со нив ќе разговараме дали има потреба од монодрама, што значи монодрамата денес, дали уметниците кои ја работат монодрамата се ставени на маргините“, истакна Андоновска-Илијевски.
Фестивалот на монодрама Битола оваа година ќе се одржува од 9 до 13 мај, а свеченото отворање ќе биде со премиерата на битолскиот театар премиерата „БАКХИ – краток преглед на распадот“ од Еврипид, еден од најактуелните театарски режисери во поширокиот регион, наградуваниот Игор Вук Торбица. Ќе се одиграат вкупно 13 монодрами од различни земји, Велика Британија, Русија, Хрватска, Бугарија, Молдавија, Словачка, Црна Гора и Монголија, како И три македонски монодрами, од кои две во конкуренција. Селектор на фестивалот е доајенот на македонскиот театар, актерот Петар Мирчевски.
Маја Богоевска


