Разрешени се сите случаи на напади врз новинари во период од 1 ви јуни 2017 до денес, рече министерот за Информатичко општетво и администрација, Дамјан Манчевски на денешното обраќање по повод Светскиот ден на Слободата на медиумите, и додаде дека нападите врз новинарите три пати се намалени од 2017 во однос на 2018 година.
„Во оваа прилика би сакал да се осврнам на нешто што е особено важно за самите новинари, а тоа е казнивоста на нападите на новинарите. Од 1 –ви јуни до денес, разрешени се сите случаи на напади на новинари, што се случија после 1 –ви јуни. Во делот на нападите што се случија во 2018 година, споредено во 2017 година и во извештајот на „Репортери без граници“, утврдено е дека три пати е помал бројот на забележани напади на новинари при вршење на својата работа. Пораката од Владата е јасна, сите оние кои ќе се дрзнат да нападнат новинар при вршење на работа ќе бидат казнети. И тоа е атмосферата и политиката за која треба заедно да се поддржуваме и да работиме“, вели Манчевски.
Вашата работа претставува суштинска вредност на која почиваат демократските општества и приднесувате за коректно информирање на јавноста, вели вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи. Вели дека е постигнато многу во делот на транспарентноста и условите за работа на медиумите, како и слободата на говорот што претставува аргумент за прикажување резултати пред Европската унија.
„Тоа што го постигнавме периодов и во делот на транспарентноста и во делот на подобрување на условите за функционирање на медиумите и слободата на говорот е аргумент кој значително ми користи мене и на Владата пред Европската Унија и земјите членки во смисла на прикажување на резултати и успеси“, вели Бујар Османи.
Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски најави дека следниот период ќе се работи за подобри услови за новинарите и медиумските работници, со цел да се дојде со поквалитетно новинарство.
„Меѓутоа условите за работа на новинарите, медиумите и медиумските работници се се уште далеку од нивото кое го посакуваме и затоа во следниот период ќе направиме се што можеме да ги подобриме условите. Стандардот на новинарите и медиумските работници, условите за работа амбиентот во кој што работат самите медиуми да бидат позајакнати финансиски, но и од вантрешна поставеност за да можат и тие да обезбедат и промовираат уште поквалитетно новинарство и да добие на квалитет и развој истражувачкото новинарство“, појасни Поповски.
Владата ќе ја продолжи политиката на немешање во работата на медиумите. Овој ден го одбележуваме во атмосфера на медиумско ослободување од какви било влијанија, порачаа владини претставници на заедничка прес-конференција по повод Светскиот ден на слободата на медиумите.


