РЕК Битола започнува со ремонтни активности на трите блока – ММС
ММС

Објавено на: 05/2/19 2:23 PM

РЕК Битола започнува со ремонтни активности на трите блока

РЕК Битола започна со ремонтните активностина трите блока за што се предвидени 10 милиони евра. Ремонтите треба да обезбедат стабилно производство на електрична енергија.До средината на ноември ќе бидат направени редовни ремонти на Блок 1 и Блок 3 и капитален ремонт на Блок 2, истакна денеска на прес-конференција директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски.

-Успешната реализација на ремонтите треба да обезбеди стабилно производство на електрична енергија, особено во текот на зимата. Таков беше случајот претходната грејна сезона во која РЕК Битола работеше непрекинато, со максимален капацитет на сите три блока 81 ден, состојба која во комбинатот не беше забележана последите 6 години. Со ремонтот на блоковите, АД ЕСМ и РЕК Битола имаат за цел не само да ја зајакнат стабилноста на електроенергетскиот систем на Република Северна Македонија, туку и да го зголемат производството на електрична енергија, да ги намалат трошоците на производство, а заштедите и приходите од работењето да ги инвестираат во капитални проекти, пред се за заштита на животната средина, истакна Ковачевски.

Ковачевски најави и дека со над 6 милиони евра ќе се санира и разладната кула на Блок 2 на која ќе се отстранат 3000 тони азбестен плашт кој ќе биде заменет со еколошки материјал.

-За време на капиталниот ремонт на Блок 2, ќе започне и санацијата на разладната кула на овој блок за што се предвидени над 6 милиони евра. На неа ќе се отстранува азбестниот плашт за што тендерската постапка за избор на изведувач е во тек, рече Ковачевски.

Од РЕК Битола велат дека имаат сериозна намера да инветсираат во проекти за подобрување на еколошките перформанси, а потврда за тоа е тендерот за реконструкција на електростатските филтри во висина од 20,4 милиони евра.

Маја Богоевска