Над 920 хектари со повеќегодишна зимзелена шума во виничкиот регион се под закана од целосно уништување поради нередовниот третман против гасеницата боров четник.
Вработените во виничката подружница на ЈП „Македонски шуми” регистирале најсериозни оштетувања на стеблата во локалитетите Превалец, Самовилец и Бандера, каде што се наоѓаат и најголемите насади со бор во општината.
-Веќе девет години во нашата општина не е спроведен никаков третман за уништување на боровиот четник. Дополнителна причина за интензивното размножување на штетникот, кој ги нагризува лисните иглички и придонесува за комплетно сушење на стеблата, е што последните години имавме релативно поблаги зими. Најсилен напад е регистиран во месноста Бандера и овде третирањето мора биде во најкраток можен рок, најдоцна до оваа есен. Веќе се земени мостри за анализа и тие ќе покажат какви мерки треба да се преземат за најефикасно третирање, истакна Бојан Петров, директор на шумското стопанство „Плачковица”.
Стручниот увид што го направија експерти од Шумарскиот факултет во Скопје потврдија дека е неопходен итен третман со прскање од воздух.
-Состојбата со боровиот четник во Виничко, но и во Кочанско, Штипско и Светиниколско е загрижувачка. Во последните години немаше никаква редукција на бројот на ларвите, односно ниту температурите под минус 20 степени Целзиусови не ги уништија. Целата оваа површина е екстремно загрозена, односно на боровите стебла им се заканува стопроцентна дефолијација. Наесен треба да се уништува штетникот во стадиум на ларва, а со хемиски препарат, што еколошки не е штетен, се делува само на гасениците. Иако целата постапка е скапа, сепак е исплатлива со оглед што ќе се зачуваат шумите, истакна професорот Стерија Начевски од Шумарскиот факултет.
Локалитетот Бандера е најомилената излетничка зона на виничани, а поради несоодветниот третман кон штетникот, тој е под закана од целосно исушување на црниот бор.


