Според посебни правила за движење на автомобили и пешаци ќе функционира сообраќајот во Скопје за време на посетата на Папата Франциск на седми мај, но и ден претходно – шести мај.
Низ централното градско подрачје ќе може да се помине само со лична карта или пасош, некои улици и булевари ќе бидат затворени, а центарци нема да може да ги користат своите возила во зоната „Голем рин“.
Овие правила денеска ги образложи владиниот портпарол, Миле Бошњаковски:
„Во вторник, 7 мај, од 6 до 19 часот ќе има забрана и ограничување на сообраќајот. Сите возила ќе бидат пренасочени на сообраќајниците околу центарот во Скопје за да може непречено да се движат. Во овој временски период ќе се формира „рестриктивна зона“ на движење. За автомобили целосно ќе бидат затворени следните улици: 11 Октомври од крстосницата со булеварот Кочо Рацин до крстосницата со улиците Димитрие Чуповски, Даме Груев, Македонија, Васил Главинов, Филип 2 Македонски, Св. Климент Охридски (адвокатска) и Иљо Војвода“.
Во рамките на својата посета, папата Франциск ќе одржи света литургија на плоштадот Македонија во Скопје. Граѓаните кои сакаат да бидат дел од настанот, ќе треба да обезбедат бесплатен билет, за што рокот истекува утре.
Влезот во литургискиот простор ќе биде отворен од 6 часот, а до 9 часот.
Граѓаните кои живеат во централното градско подрачје доколку сакаат да ги користат своите возила на 7 мај треба да ги изнесат претходниот ден надвор од главната зона затоа што тој ден не ќе можат.
Бошњаковски апелираше сите граѓани кои живеат на територијата на град Скопје да користат градски автобуски превоз којшто тој ден ќе биде бесплатен за сите.


