Мицотакис: Преспанскиот договор е „екстремно проблематичен” за Грција – ММС
ММС

Објавено на: 05/2/19 9:31 AM

Мицотакис: Преспанскиот договор е „екстремно проблематичен” за Грција

Лидерот на грчката опозициска Нова Демократија, Киријакос Мицотакис најавува дека доколку неговата партија дојде на власт во Грција ќе се бори за “ублажување” на последиците од Преспанскиот договор, кој го смета за штетен за неговата земја.

Во интервју за белгискиот весник „Ле Соар” тој истакнува дека договорот со Северна Македонија е „екстремно проблематичен за Грција” затоа што „меѓу другото тој признава македонски јазик и македонска националност”.

Мицотакис најавува дека неговата партија ќе се бори мирно и одговорно за ублажување на како што смета, сериозно негативните последици од овој Договор. Додава дека нема да се откажат од нивното право на вето за пристапувањето на соседната држава во Европската Унија.

Во интервјуто, Мицотакис вели дека има целосна доверба во кандидатот на Европската Народна Партија, Манфред Вебер, да ја води идната Европска Комисија.

Шефот на Нова Демократија е уверен дека со Манфред Вебер на чело на идната Европска Комисија ќе се покаже поголема флексибилност кон Грција, но признава дека единствена точка на несогласување со кандидатот за претседател на европската десница се преговорите за членство во ЕУ со Турција.  Мицотакис смета дека не треба да се стави крај на процесот со Анкара, додека Вебер смета дека треба да се прекинат преговорите со оваа земја.