Уште три дена кампања, претседателските кандидати апелираат за поголема излезност – ММС
ММС

Објавено на: 05/2/19 8:11 AM

Уште три дена кампања, претседателските кандидати апелираат за поголема излезност

На три дена до вториот круг на претседателските избори, двајцата кандидати со апели до граѓаните за поголема излезност в недела, на 5 мај.

Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски вчера од Македонска Каменица и од Кочани порача дека заокружувањето на бројот 3 ќе значи подобра перспектива за сите, сигурно одење во Европа, продолжување на реформите и заедничкиот пат кон напредокот, развојот и интеграцијата во НАТО, но и ставање крај на „груевизмот”.

Ако биде избран на функцијата, рече дека граѓаните кончено, по десет години ќе добијат претседател од кој нема да се срамат.

Кандидатката, Гордана Сиљановска Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ вчера од Битола порача дека нашата држава треба да се реформира во секој поглед, бидејќи во моментов не е пристојно место за живеење.

„На највисоките позиции не се луѓе кои знаат, кои умеат, стручни и компетентни со интегритет и дигнитет. Но верувам дека оваа македонска пролет ќе биде позната, не само како што велат, по за прв пат невообичаената кампања, туку и по реформите“, истакна Сиљановска Давкова.

Според неа, разговорот за почетокот на преговорите за членство во ЕУ ќе биде одложен за наесен.

За да има успешен избор на претседател на државата, во недела е потребно на гласачките места да излезат најмалку 40 отсто од запишаните во Единствениот избирачкиот список. Според податоците на Државната изборна комисија, во првиот круг од претседателските избори излезноста беше 41,8 отсто.