Работниците со марш го одбележаа 1 Мај – синдикатите бараат активно вклучување во носењето на новиот ЗРО (ДПЛ) – ММС
ММС

Објавено на: 05/1/19 2:48 PM

Работниците со марш го одбележаа 1 Мај – синдикатите бараат активно вклучување во носењето на новиот ЗРО (ДПЛ)

Поголеми права за работниците, зголемувања на платите за сите, но и на минималната плата, побезбедни и сигурни услови за работа, нови колективни договори и вклученост на синдикатите во изготвувањето на новиот закон за работни односи побараа денеска меѓудругото учесниците во протестните маршови што во Скопје се одржаа во организација на синдикатите по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот.

Маршеви одржаа Сојузот на синдикатите на Македонија,  Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Синдикатот на македонската дипломатска служба, Независниот академски синдикат и Синдикатот на културата.

Во годината во која се одвиваат активности за изготвување нов закон за работни односи ССМ очекува да биде стожер на неговото креирање во насока на негово прилагодување на европското и светското трудово законодавство.

Ова денеска го истакна претседателот на ССМ, Дарко Димовски, читајќи го првомајскиот проглас на протестниот марш што во организација на овој синдикат се одржа почнувајќи од пред зградата на синдикатот, пред Собранието, а потоа неговите учесници дојдоа пред Владата каде имаа средба со премиерот Зоран Заев, на која ги изнесоа своите барања.

– Евроатлантските интеграции на работно-правното законодавство во државата не смеат да резултираат со рестрикции на работничките права. Напротив Синдикатот очекува нивното унапредување и осовременување со крајна цел обезбедување достоинството на трудот на работникот, рече Димовски.

ССМ понудиле текст на нов закон за работни односи и очекуваат истиот да биде сериозно разгледан од нивните социјални партнери. Тие се залагаат за поголеми инвестиции, подобри економски политики и обезбедување на правото за работа за сите, креирање реални и одржливи работни места, повеќе работни места за жените, младите и лицата со попреченост, сигурност на работните места и договори за вработување на неопределено време. Меѓу барањата е и минимална плата од најмалку 13.800 денари, стабилен пензиски систем – стоп за зголемување на границата за пензионирање, зголемување на испратнините при отказ од деловни причини на 12 плати, право на регрес за годишен одмор за сите вработени. Синдикалците денеска упатија и барање за еднаквост и рамноправност на жените, стоп за мобинг и дискриминација, заштита на мајчинството и зголемување на правото на породилно отсуство на 12 месеци, како и воведување на правото на татковство.

Димовски рече дека посочените барања на ССМ се прогресивни, развојни и мотивирачки и додаде дека тие, како и предлог-текстот на новиот закон за работни односи се дадени до Владата и сега таа е на потег.

– Први мај – Меѓународниот ден на трудот ќе го искористиме за уште еднаш да ги изразиме нашите ставови и барања во врска со работничките права за кои сметаме и тврдиме дека им припаѓаат на работниците затоа што се работи за основни и најзначајни човекови права заштитени со националниот Устав и со законите, но и со европските и меѓународните стандарди на трудот, се наведува во прогласот што го прочита Димовски. Додаде дека остро го осудуваат секој обид да бидат ставени на маргините на општеството и да се одлучува за нивната положба и права без нивно учество.

Маршот ССМ секоја година традиционално го организира за да го одбележи Меѓународниот ден на трудот, а оваа година се одржа под мотото „Не може да се ослучува за нас, без нас”.

Покрај ССМ  и Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) го одбележаа 1 Мај, со првомајското протестно движење во центарот на Скопје.

И тие пред Владата ги изнесоа своите барања за подобрување на правата на работниците во гранските сфери кои ги застапуваат.

Пред новинарите говореше Томислав Гиевски, претседател на Независкиот синдикат за образование и наука, кој го изрази незадоволството на просветните работници поради недостоинственото вреднување на трудот со потпросечни плати, големото партиско влијание во образованието, неисплатата на К 15 и колективни договори, кои не се обновени над 15 години.

-Просветните работници заслужуваат повеќе и незадоволни сме од начинот на кој се поставени работите во образованието. Бараме итна реформа, во спротивно се помасовно ќе го изразуваме својот револт, рече Гиевски.

Горан Ристески од Независниот синдикат на затворската полиција и администрацијата говорејќи во име на сите грански синдикати во рамки на КСОМ истакна дека бараат адекавтно учество на синдикални претставници во инспекцискиот надзор при трудовата санитарна инспекција, управна постапка и други инспекциски служби, како и активно учество на сите нивни претстставници во изготвување на новиот закон за работни односи и сите други законски измени, кои ќе значат подобрување на правата на вработените.

Говореше во име на пожарникарите, за кои, како што рече, откако се одвоиле од МВР останале без опрема, средства за работа, а се соочуваат и со нереално исплаќање на додатоците на плата, секаде различно се пресметувале платите, висината и вредноста на бодот.

На марш излегоа и новинарите, но и вработени во културната дејност, академската фела и дипломатската служба.

Сите новинари работат со прекршени работнички права, професијата е неизвесна, работат во нерегуилирани услови, поради што не може да се очекува регулирано новинарство.

Оваа порака ја испрати денеска претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Ѕвездан Георгиев на првомајскиот марш кој ССНМ го организираше заедно со Синдикатот на македонската дипломатска служба, Независниот академски синдикат и Синдикатот на културата.

Маршот ќе се одржа под мотото „На 1 Мај каде си? За свои права, на улица си” на плоштадот „Карпошово востание”. Новинарите носеа транспаренти на кои беа напишани пароли „Пишувам за корка леб”, „Да за работа, не за ропство”, „Сиромаштија = цензура”…

Сања Арсовска, претседател на Синдикатот на култура истакна дека нивните главни барања валоризација на стручните звања, донесување нов закон за култура и конечно по 14 години потпишување нов колективен договор во културата биле доставени до Владата уште лани, а од нив остварено е само првото.

Мира Беќар од Независниот академски синдикат истакна дека Закон за високо образование е донесен со цел да се реетаблира академската заедница и да се врати автономијата на универзитетите, но сепак нагласува дека документот не е профункционирал, се продолжува со нетранспаретно работење и неформирање студентски тела, нивно неучество во одлучувачките политики на универзитети, закочени статути.

Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот. Во Македонија од 2007 година за неработен ден е прогласен само 1 мај, а до 2006 година неработни беа 1 и 2 мај.

Денот на трудот се празнува во знак на почит кон жртвите од штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 во Чикаго кога демонстрантите барале воведување осумчасовен работен ден. Организаторите на штрајкот биле изведени на суд, а четворица од нив биле погубени. Три години по настаните во Чикаго, на првиот Конгрес на Втората интернационала што се одржала во Париз во 1889 година, е решено секоја година на 1 мај, во сеќавање на чикашките работници, да се одржуваат масовни демонстрации.