Општината Берово за најголемиот христијански празник Велигден е една од најбараните дестинации во Македонија кога станува збор за домашните туристички центри. Ова го потврдија туристите кои својот рај за Велигден го пронајдоа во Берово.
– Од Скопје сум, вторпат сум тука и се чувствувам прекрасно. Овде сум со семејството и тука сме пред се заради чистиот воздух и заради тоа што сме сместени на планина. Берово е како вистинска пролетна бајка, вели туристка од Скопје.
Освен чистиот воздух, добриот глас беровци ги бие и поради гостопримливоста.
– Ние беровци сме гостопримлив народ, сакаме кога градот е полн, исто како што сакаме кога туристите се интересираат за Берово. Велигден и продолжен викенд, тоа е она што е полн погодок за нашето мало гратче, вели граѓанин на Берово.
Централната прослава за Велигден се одржува на градскиот плоштад, каде покрај културно-уметничката програма се одржува и натпревар за најубаво украсено јајце, како и натпревар за избор на најцврсто велигденско јајце или популарниот „качор”.
МИА


