Српската премиерка Ана Брнабиќ нема големи очекувања од претстојниот состанок на лидерите на Западен Балкан во Берлин, на кој ќе учествуваат претставници од Приштина. Според неа, на овој собир Србија треба да покаже дека е стабилен и сигурен партнер посветена и подготвена за дијалог.
Брнабиќ во изјава за Блиц посочува дека претставниците на Србија на собирот ќе испратат порака дека се подготвени да го продолжат дијалогот со Приштина веднаш по укинувањето на увозните такси од 100 отсто.
И министерот за надворешни рабти, Ивица Дачиќ во интервјуто за руската РТ изјави дека овој состанок не е продолжеток на дијалогот меѓу Белград и Приштина:
„Целта на состанокот е да се разговара за сите проблеми на Балканот, а не да се продолжат преговорите меѓу Белград и Приштина. Ова не е главна тема. Ние сигурно нема да се согласиме со нови преговори меѓу Белград и Приштина во Брисел, додека таксите не се укинат (за српски стоки). Србија е цврста по ова прашање и тука нема дилеми. Ако некој мисли дека Србија е слаба, се лаже“.
Тој не го дели ентузијазмот на косовскиот претседател Хашим Тачи дека договорот помеѓу Белград и Приштина може да се постигне и покрај сите тешкотии.
На иницијатива на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, лидерите на Западен Балкан ќе се состанат на 29-ти април во Берлин, меѓу кои и водачите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи.


