Синот на пратеничката од редовите на СДСМ Мира Стојчевска, Виктор Стојчевски во вторник ќе даде отказ и ќе се повлече од работното место во ЕЛЕМ. Тој ова го најави преку социјалната мрежа Фејсбук, каде напиша дека е дипломиран геодетски инженер на Градежен Факултет – Скопје при УКИМ, а како што вели при крај е и со неговите магистерски студии, па планира да и’ се посвети на професионалната кариера.
Стојчевски при тоа, наведува дека не е јавна личност и не сака неговото име веќе да се провлекува во јавноста.
Неговите најави за повлекување од ЕЛЕМ, следуваат откако Антикорупциската комисија потврди дека неговото вработување било спорно, а во меѓувреме премиерот Заев вчера нареди до владините институции на лицата кои се вработени на тој начин веднаш да им се прекинат работните односи и да се повлечат. Тој побара професионална и политичка одговорност од сите нив.


