360˚: Македонците поништиле повеќе гласачки ливчиња од Албанците – ММС
ММС

Објавено на: 04/26/19 12:06 PM

360˚: Македонците поништиле повеќе гласачки ливчиња од Албанците

Процентот на неважечки ливчиња во општините доминантно населени со Македонци (61 на број) е значително поголем споредено со процентот на неважечки ливчиња во општините каде мнозинство се Албанците или други етнички заедници (19 на број). Ако на цела територија на државава неважечки се 4,34% од гласачките ливчиња, во „македонските средини“ тој процент изнесува 4,71%, а во останатите е 2,99%.

Анализите по првиот круг од претседателските избори во најголем дел се однесуваа на апстиненцијата, односно зошто голем број гласачи на 21 април останаа дома. „360 Степени“ погледна подетално во друга бројка – на граѓани што одлучија да се појават на гласачките места, но го поништиле ливчето. Според податоците на Државната изборна комисија, така постапиле 32.811 гласачи или 4,34 отсто од оние што гласаа. Оваа бројка не отстапува значително од претходните изборни циклуси, но нашето истражување не соочи со друг феномен.

На оваа слика, со зелена боја се означени општините во кои процентот на неважечки ливчиња е понизок од националниот просек. Со црвена боја се општините во кои процентот на неважечки ливчиња е над националниот просек. Меѓу „црвените“ општини нема ниту една во која мнозинско население не се Македонците.

До истиот заклучок се доаѓа и ако се направи топ-листа на 10 општини со највисок процент неважечки ливчиња.

Чучер Сандево е на прво место – дури 7,72% од оние што се појавиле на гласачките места, не се определиле. По неа е Македонска Каменица (6,46%), па Делчево (6,22%). На листата со десет општини со процентуално најмногу неважечки ливчиња се и Центар, Лозово, Демир Хисар, Дојран, Штип, Градско и Прилеп.

Ако за репер се земе апсолутниот број на неважечки ливчиња, табелата се менува. Но, не и впечатокот дека пред се Македонците се тие што во гласачките кутии уфрлиле неважечко ливче.

Најмногу неважечки ливчиња има во Прилеп – 1.989. Следат нивните соседи, Битола со 1.834, а на трето место е Куманово со 1.715 неважечки гласови. Следни на листата се скопските општини Аеродром со 1.536 и Карпош со 1.484. Во Охрид 1.474 граѓани иако излегле, не избрале ниту една од трите опции. Грб на понудените кандидати во општина Центар „им свртеа“ 1.322 граѓани, а во Кисела Вода 1.278. Во Штип изброени се 1.204 неважечки ливчиња, а во  Гази Баба – 1.148. Случајно или не, во овие општини, а особено во скопските, градоначалниците се постојана мета на критика за секојдневните проблеми на граѓаните – загадувањето, депониите, узурпацијата на јавниот простор и инфраструктурата.

 

360 степени