Ракометарите на „Вардар“ синоќа со осум гола разлика 31-23 (14-12) го демолираа унгарски ПИК „Сегед“ во Лигата на шампионите, со што, пред реваншот во Сегед на 5 мај, широко му се отвораат вратите за ново, трето по ред, учество на завршниот турнир во Келн на четирите најдобри во Лигата.
Гостите само во првите минути го имаа водството, кое потоа го презеде „Вардар“. Полувремето заврши 14-12, иако „Вардар“ пред тоа имаше и пет гола разлика. Разлика од пет-шест гола вардарци имаа и во второто полувреме, но потоа гостите успеаја да намалат само на 22-21. Оттогаш „Вардар“ целосно ја презеде играта и, на крајот, фуриозно стигна до завршните 31-23. Сите „вардарци“ лавовски се бореа и прикажаа одлична игра, а посебно за истакнување е „скратената“ бековска линија, бидејќи на овој натпревар на неа речиси цел натпревар одиграа само тројца, кои постигнаа дури 22 гола – Карачиќ и Криштопанс по осум и Скубе – шест. Одличен со десет одбрани беше и Милосављев.
На крајот ракометарите на „Вардар“ емотивно се простија со шестилјадната публика во „Јане Сандански“, бидејќи, како што е познато, сопственикот на клубот, Сергеј Самсоненко, најави повлекување на крајот од сезонава, а ова беше последен натпревар во ЛШ во Македонија.


