По денешното убиство во Рашче, опозицијата реагираше дека министерот за внатрешни работи наместо да го чува јавниот ред и мир, оди по партиски митинзи.
„Полициски инспектори, наместо во расчистување на крвни деликти и обезбедување на безбедноста се во првите редови на митинзите на Пендаровски“, изјави денеска на прес конференција членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски. Тој на прес конференцијата, јавно упати прашања до власта:
„Заев, Спасовски и Пендаровски мора да одговорат дали полицискиот службеник Елхам Шкрета, кој го нарече Заев икона, бил на работа како полицаец и во исто време се појави на партиски митинг на Пендаровски? Зошто Јовче Ременски и останатите полициски службеници наместо да го чуваат јавниот ред и мир се во првите редови на митинзите на СДСМ? Ова ли е професионализацијата која ја ветуваше господине Заев?“.
Ѓорѓиевски обвинува дека полицијата ги шиканира граѓаните:
„Наместо да брка криминалци, полицијата брка недолжни граѓани. Пендаровски знае дека ќе изгуби и во вториот круг и затоа вчера во Градско Спасовски пушти полициски службеници кои казнувале членови и активисти на ВМРО-ДПМНЕ без никаква причина. Во текот на вчерашниот ден две возила на сообраќајната полиција и неколку инспектори во цивилка извршиле буквална опсада на Градско и изрекле преку 100 казни за нивните возила. Полицијата буквално им влегувала по куќи на граѓаните и ги казнувале за возилата паркирани пред домовите на луѓето или пак во самите дворови, барани им се сообраќајни и им се прегледувани возилата. Без причина, само затоа што се членови на ВМРО-ДПМНЕ“.


