Времињата на закани и притисоци во градската администрација се минато – велат од Град Скопје, по денешните обвинувања од опозицијата дека премиерот Зоран Заев се заканувал на дел од вработените дека ќе останат без работа.
Очигледно е признанието на ВМРО-ДПМНЕ како владееле и на кој начин ги присилувале вработените во администрацијата, па мислат дека не може да има друг начин на раководење во Градот. Опозицијата не може да сфати и да се помири со фактот дека во Скопје сега е време кога покрај вработените и граѓаните учествуваат во креирањето на буџетот, во носењето одлуки и во контролата на власта, нешто што не беше пракса во минатото – велат од Град Скопје во попладневното соопштение, испратено како реакција на прес конференцијата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Од Град Скопје тврдат дека не ги делат вработените според политичка и партиска припадност, а фокусот е насочен кон интересите и потребите на сите граѓани.


