Две кривични пријави и 30 дена притвор за возачот кој усмрти полицаец во Куманово – ММС
ММС

Објавено на: 04/25/19 12:31 PM

Две кривични пријави и 30 дена притвор за возачот кој усмрти полицаец во Куманово

Четириесетгодишниот С.Ј. од село Пелинце, општина Старо Нагоричане заработи кривична пријава поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот” и „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода”.

На 21.04.2019 во 00.45 часот на регионален пат Куманово- Свети Николе, во близина на крстосница со нас.Ајдучка Чешма, патничко возило „Мерцедес” со кумановски регистарски ознаки, управувано од пријавениот, удрило во В.Ц.(37-год.-полициски службеник) и А.М.(25 год. – кандидат за полициски службеник), кои биле на службена должност. В.Ц. починал на местото на настанот, а А.М. со тешки телесни повреди бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза” во Скопје, велат од СВР Куманово.

С.Ј. со возилото „Мерцедес” избегал од местото на настанот, по што на регионалниот пат Куманово-Свети Николе удрил во патничко возило „Шкода” со кумановски регистарски ознаки, управувано од Н.П.(34). Возачот на возилото „Шкода” и сопатникот Д.Ј. (42) се здобиле со тешки телесни повреди, а А.Ј.(52) со телесни повреди, при што Д.Ј. била пренесена во комплексот клиники „Мајка Тереза” во Скопје, додека останатите повредени се пренесени во болницата во Куманово. С.Ј., исто така, бил пренесен во болницата во Куманово.

Судија  на претходна постапка на С.Ј. му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.

Во меѓувреме со кривична пријава се здоби и неговиот брат, три години постариот И.Ј. Тој веднаш по сообраќајната несреќа во која загина полицаецот Виктор Цветковски, го величеше делото на својот брат и напишал дека требало да ги убие сите.

СВР Куманово му поднесе кривична пријава против поради сомнение дека сторил кривично дело „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем”, а делото како што додаваат од кумановската полиција, го сторил истиот ден кога се случија сообраќајката, преку објава на социјалната мрежа Фејсбук.