Шри Ланка призна голем пропуст на разузнавачките служби – ММС
ММС

Објавено на: 04/25/19 11:53 AM

Шри Ланка призна голем пропуст на разузнавачките служби

Шри Ланка призна „голем пропуст на разузнавачките служби“ пред бомбашките напади на католичкиот Велигден во кои загинаа 359 и беа повредени повеќе од 500 луѓе – јави Слободна Европа.

Властите на островската земја не ги земаа предвид предупредувањата на Индија за потенцијални напади од почетокот на месецот   – беше посочено во Парламентот на Шри Ланка.

Претседателот Маитрипала Сирисена планира да го отпушти секретарот за одбрана и генералниот полициски инспектор, јави Би-Би-Си.

Вкупно осум од девет напаѓачи се идентификувани како државјани на Шри Ланка.

Владата истражува дали групата „Исламска држава“ била вклучена во нападите врз цркви и луксузни хотели.

Министерот за одбрана на Шри Ланка Руан Виџевардене вчера потврди дека меѓу деветмината бомбаши самоубијци, имало и една жена, додавајќи дека повеќето напаѓачи биле образовани и финансиски стабилни, а за еден се верува дека студирал во Велика Британија и дипломирал во Австралија.

„Повеќето од нив се добро образовани и потекнуваат можеби од средна или висока средна класа. Значи, тие се финансиски прилично независни и нивните семејства се прилично стабилни финансиски. Веруваме дека еден од бомбашите самоубијци студирал во Велика Британија, а можеби подоцна и дипломирал во Австралија, пред да се врати во Шри Ланка“, информира Виџевардене.

Поранешен командант во армијата на Шри Ланка рече дека нападот сигурно бил планиран најмалку седум или осум години.