Откако кандидатката на ВМРО ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова напиша дека нејзиниот проивкандидат Стево Пендаровски од СДСМ ја откажал дебатата на Телма, телевизијата соопшти дека Пендаровски бил зафатен во предложените термини, а ниту Силјановска била во можност. Кога и’ било понудено да дојде на „Жешкото столче“, Силјановска одбила.
Нерелизираната дебата беше повод за препукување меѓу претседателските кандидати.
-Навистина жалам што Стево ја откажа дебатата планирана за денес на Телма. А можеше да научи нешто за ЕУ“, напиша Силјановска на Твитер.
Ова, исто така на Твитер веднаш го негираше Пендаровски.
-Професорке, повторно се служите со невистини. Но, сега барам од @televizijatelma да ве демантира. Дебата не била закажана. Ваквите невистини нема да ве искупат за вашето реално бегање од најавената дебата на Жешко столче, одговори Пендаровски.
Изборниот штаб на Пендаровски доцна попладнево се огласи со соопштение, во кое ја обвини Силјановска дека „повторно лаже и се служи со невистини“.
-Воопшто не е точно дека бил закажан ТВ дуел на Телма телевизија.Ваквите невистини не можат да ја покријат Силјановска од нејзиното реално и вистинско бегање од „Жешко столче” на истиот медиум.Во очекување на официјален демант од споменатиот медиум за невистините на Силјановска, во прилог ja доставуваме писмената покана, во којашто јасно се наведени неколку термини за одржување на телевизиското соочување кое се уште не е закажано, соопштија од штабот на Пендаровски.


