Старица се појави денеска на прес конференција на премиерот Зоран Заев во центарот на Скопје, за да се пожали дека нејзината внука која наскоро треба да магистрира се’ уште е невработена.
Прес конференцијата се одржуваше на отворено, а непосредно пред крајот, жената која рече дека доаѓа од Штип, го повика премиерот со зборовите: „Може ли да сослушате една баба, баба која плаче“.
Таа раскажа дека нејзината внука со најдобри оценки дипломирала на „Криминологија“. Девојката, чиј татко како што рече бабата, учествувал во конфликтот во 2001 година, има уште четири испити кои ја делат до титулата „магистер“, но нема вработување за неа.
„Јас и дедо и’ јадеме само леб, собиравме пари за да ја школуваме“, додаде бабата.
Премиерот, Зоран Заев и’ одговори дека неодамна завршил конкурс за 48 нови вработувања, а најголем дел од луѓето кои конкурирале имале дипломи токму од областа на криминалистиката. Тој најави дека ќе има нов конкурс по претседателските избори и им рече на службите да го земат телефонскиот број од девојката за да ја контактираат.


