Домашните производители на ракија бараат период за прилагодување пред воведување на акциза за домашно произведена ракија. За ова, тие имаа средба со пратеникот од Кавадарци, Панчо Минов, кој ги застапува интересите на производителите. Тој ги информира дека амандманот кој го поднел до матичната комисија за економски прашања бил прифатен, но истиот не поминал во законодавно правната комисија.
„ Следува натамошна постапка, па затоа и организирав средба со лозари кои произведуваат и ракија. Да направиме дополнителни консултации. Моето убедување е дека треба да се остане на предлогот да има период на прилагодување, на подготовка за воведување на новата давачка која се предлага да биде на дозволено две ипол илјади литри по земјоделско стопанство, што и не е мала количина. За малите винарии, кои се регистрирани, е две илјади литри, но чист алкохол. Тоа значи околу четири илјади литри жесток пијалок, или по тиквешки, ракија. Целта е во овој подготвителен период, секој лозар кој сака да биде производител на ваква количина, да се определи дали е спремен да биде регистриран и акцизен обврзник“ вели Минов.
Големи винарии во производството на домашна ракија во производството на ракија од индивидуални лозари гледатаа конкуренција, беше речено на средбата во Кавадарци. Беше заклучено дека тоа производство не треба да го сметаат за конкуренција големите винарии, бидејќи вишокот грозје лозарите го преработуваат во ракија, за да не им пропадне.
Лозарите и пратеникот се оптимисти дека сепак ќе се издејствува пролонгирање на акцизата се до приемот на земјава во Европската Унија.

„Ова не значи дека сакаме на диво да се произведува домашна ракија. Нека си рече регистрирањето во царинската управа, секој да си има документ дека е регистриран за таа работа, да го пријави своето производство во количини, но само плаќањето на акциза да биде одложено„ нагласи Минов.
Новината во предлог законот за акцизи кој се усогласува со европската регулатива не е поволна за Тиквешијата-едногласни се лозарите, бидејќи за нив е сеуште не прифатливо да плаќаат триесет денари по литар, на алкохолност од 45 проценти.
Се предвидува, акцизата да се регулира преку воведување на регистар на вакви производители во Царинската управа. Со тоа и обврска да се пријави опремата за производство на ракијата, количина на винско грозје кое се преработува. Има обврска и кога ќе се произведе ракијата, да се добие од Агенцијата за храна лиценца дека ги исполнува стандардите за производство. Тука е и најбитното, воведување на акцизни маркици пред пуштање во промет на акцизната роба, ги информираше лозарите и производители на ракија пратеникот Панчо Минов.
Ангел Данов


