Штипски судија ќе дели правда во Виница – ММС
ММС

Објавено на: 04/24/19 1:20 PM

Штипски судија ќе дели правда во Виница

Судскиот совет со мнозинство гласови го делегира судијата на Основниот суд Штип, Ацо Тасев да суди во Основниот суд во Виница. Тасев, кој е и портпарол на штипскиот суд, е времено, па и принудно решение на актуелниот претседател Емил Пилатов, откако ниеден судија не сакал да работи во Виница. Ова стои во писмото од претседателот на штипскиот суд. Како што пишува порталот „Сведок“, и покрај противењето на штипските судии и членовите од Штип во Судскиот совет, Советот одлучи да го делегира судијата Ацо Тасев до една година да суди во судот во Виница.

Парадоксална е ситуацијата во виничкиот суд, каде има само еден судија и претседателката Васка Петрова,која не суди, туку само администрира со судот.  Петрова официјално е вработена и во штипскиот Апелациски суд и поради тоа може само да шефува, но не и да суди. За да функционира еден суд мора да има најмалку тројца судии, а од судовите во Кочани и Струмица има веќе делегирани судии во Берово и Делчево. Затоа, според образложението на седницата на Судскиот совет,  остана судот во Штип, од каде што е испратен Тасев, со надеж дека по септември, кога завршува генерација за судии на Академијата, ќе изберат млад судија во Виница, а Тасев би се вратил во Штип.

Ацо Тасев е судија од 1996 година и последните години работи на кривични предмети и како судија на претходна постапка. Важи за принципиелен судија. Сега во Виница ќе се занимава со граѓанска материја. Иако во штипскиот суд има многу помлади судии, одлуката падна на Тасев.

Членовите на Судскиот совет констатираа дека судовите во Кочани и Струмица од каде што има делегирано судии, веќе се неажурни, а со вакво разместување и штипскиот суд е на добар пат да стане неажурен.

-Не може за судот во Виница да зборуваме како за покојник, ниту да го усмртиме. И законот кој е изгласан, а не е потпишан, малите судови не ги прави одделенија, па мора да се најде решение, рече Зоран Караџоски, на кого ова му беше последна седница, бидејќи во четврток ќе се избира нов шеф.

Основниот суд во Штип со делегирањето на Тасев и изборот на Сашко Георгиев во Судскиот совет,останува со најмал број на судии досега, со само 12 и пртеседателот. Мандатот на Емил Пилатов, кој е претседател од 2008 година, му завршува за пет дена. Судскиот совет одлучи да му го продолжи мандатот како в.д. претседател, се’ до завршувањето на изборите за претседател на државата.