По вистинска драма на Клиниката за кардиологија во Клиничката болница во Ниш, Србија, Александар Рајковиќ (73) од Алексинац вторпат го започна својот живот, пишуваат денеска повеќе српски медиуми.
Рајковиќ дошол со автобус на контрола во Ниш. По лекарскиот преглед, со наодот се упатил кон шалтерот, каде што наеднаш се струполил.
– Имав најголема среќа во животот зашто се’ ми се случи на најдоброто место за мене – во болница. Лекарите ми раскажаа дека сум умрел и оти по клиничката смрт ме оживувале еден и пол час. И успеаја – вели Александар, додавајќи дека не се сеќавал на ништо се’ додека не се разбудил во болничката соба, во која ќе остане на понатамошно лекување.
Младите лекарки, Теодора Станојловиќ и Милена Радосављевиќ, кои го реанимирале час и половина, велат дека бил без пулс, не дишел, крвниот притисок му бил на нула, а неговото срце немало никакви знаци на работа.


