Мојот и ставот на ДУИ за Исламската верска заедница (ИВЗ) е дека беше скандалозен и срамен чин на упад врз автономијата на уставно загарантираната автономија на верските заедници, во овој случај на ИВЗ – изјави денеска вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи. Според него, државата треба да ги преземе сите мерки да ја гарантира оваа независност и оваа автономија на верските заедници вклучувајќи ја и ИВЗ.
Инаку, проблемот во ИВЗ ескалираше вчера попладне кога со одлука на судот за нов поглавар на ИВЗ беше назначен Скендер Бузаку. Тој најави дека од денеска го презема раководењето со верската заедница, а и нагласи дека ја повикал финансиската полиција да ги детектира неправилностите во работата на раководните тела на ИВЗ.
На тоа реагираше Ријасетот на ИВЗ и лично реисот Реџепи, обвинувајќи ги Комисијата за верски заедници и владата за грубо мешање во нивната работа.
Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски по повод ова прашање претпладнево, на редовната прес конференција, истакна дека Северна Македонија е секуларна држава и Владата не се меша во работата на верските заедници.
И Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи денеска остро демантираше каква било нивна вмешаност во последните случувања и превирања во Исламската верска заедница (ИВЗ), за што синоќа беше обвинета од реис ул улемата на ИВР Сулејман Реџепи.
Во синоќешниот настап, по одржаната вонредна седница на Ријасетот на ИВЗ, Реџепи во дел од својата изјава ги обвини директорот на Комисијата за односи со верските заедници и владата дека се вмешани во последните случувања во Исламската верска заедница.


