Тимоние: Убаво размислете и одберете вистински претседател – потребен ни е кредибилен соговорник – ММС
ММС

Објавено на: 04/23/19 1:02 PM

Тимоние: Убаво размислете и одберете вистински претседател – потребен ни е кредибилен соговорник

Високата излезност во првиот круг од претседателските избори во Кавадарци, амбасадорот на Франција во земјава, Кристијан Тимоние ја оцени како доказ за демократска зрелост во овој град. Тој им порача на граѓаните пред вториот круг добро да размислат и да го изберат најдобриот кандидат за шеф на државата. Според него во приближувањето на земјава кон Европската Унија е потребен кредибилен соговорник.

„Се информирав и за начинот на кој беа спроведени изборите. Забележав дека излезноста била доста висока во Кавадарци. Тоа е доказ за демократската зрелост во Кавадарци. Но, и за желбата што побрзо да се избере шеф на државата. И нам ни е потребно тоа, бидејќи тоа ќе значи приближување кон Европската Унија. Затоа што ќе ни биде потребен кредибилен соговорник, што е многу важно во целиот овој транзициски период, што е многу важен за вашата земја. Вие треба да го изберете, а ние ќе си ја вршиме нашата работа. Но, потребна ни е држава што функционира. Затоа, обидете се да ни го дадете тој знак, тој сигнал и убаво размислете претстојниве две седмици што се пред вас“ , изјави францускиот амбасадор  Тимоние, денеска во Кавадарци.

Тој имаше средба со градоначалникот Митко Јанчев  и во заедничката изјава за медиумите истакнаа дека покрај за изборите разговарале и за сите тековни активности на општината, но и за можноста да се подготват добри проекти кои ќе бидат поддржани од Франција.


„Нашата држава ќе може да аплицира за тие фондови, следствено на тоа и Кавадарци. Се работи за фондови за туризам, заштита на животна средина, гасификација, развивање на винарство, економија. Веќе има најави, а од септември ќе следат и поофицијални информации“ рече градоначалникот Јанчев.

Амбасадорот на Франција се сретна и со претставници на политичките партии во Кавадарци, ја посети и спомен костурницата во градскиот парк. Со кавадаречкиот градоначалник разговарале и за изучување на францускиот јазик во училиштата.

Ангел Данов