Кумановецот во неделата напиша текст на Фејсбук, со кој го поддржа кривичното дело сторено од негов близок роднина во кое животот го загуби полициски службеник, а беа повредени уште четири лица. Основното јавно обвинителство од Куманово поведе постапка против него, поради постоење на основано сомнение дека го сторило кривичното дело „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ од член 394-г став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот делото го сторил на 21.04.2019 преку социјалната мрежа Фејсбук, во објавениот текст, повикал на насилство кон оштетените од сообраќајната несреќа.
-Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово, поведувајќи ја постапката против осомничениот, ценеше дека се исполнети законските основи, па до судија на претходна постапка на Основниот суд Куманово достави и предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот. Предлогот беше прифатен, па со Решение на осомниченото лице му се определени мерките на претпазливост според кои привремено му е одземена патната исправа и му е зададена обврска да се јавува еднаш неделно на службено лице во судот, соопшти Обвинителството.


