Бројот на загинати во неодамнешните бомбашки напади во Шри Ланка се зголеми на 321, а повеќе од 520 се повредени – информира министерот за комуникации и масмедиуми, Руван Вијеварден.
Властите во Шри Ланка досега уапсија 40 лица. Таму денеска е Ден на национална жалост. Земјата е во вонредна состојба, а целата нација денот го почна со триминутно молчење за да оддаде почит на загинатите.
Националните знамиња се на половина копје, продавниците за алкохол се затворени, а радијата и телевизиите ќе емитуваат само сериозна музика.
Форензичкиот тим на Владата на Шри Ланка соопшти дека седум бомбаши самоубијци извршиле шест симултани напади врз три цркви и три луксузни хотели во и околината на Коломбо на Велигден.


