Обвинение за мајката и таткото на трите деца кои починаа во пожар во Велес – ММС
ММС

Објавено на: 04/23/19 12:06 PM

Обвинение за мајката и таткото на трите деца кои починаа во пожар во Велес

Велешкото Јавно обвинителство до Основниот суд во Велес поднесе обвинение против родителите на трите деца кои лани во јуни загинаа во пожар во импровизирано живеалиште на периферијата од градот, додека родителите не биле дома. Обвинението е поднесено против триесет и осумгодишната мајка и четириесет и шестгодишниот татко, за сторени кривични дела – запуштање и малтретирање на дете.

Обвинетата како родител – мајка на децата на возраст од четири години, две години и една година, а обвинетиот како родител – татко на детето на возраст од една година не го заштитиле животот и здравјето на децата што е нивна должност согласно одредбите од членовите 44 и 46 од Законот за семејство, појаснуваат од Обвинителството.

Воедно, обвинетиот како очув на другите две деца исто така бил должен да се грижи за нив со оглед на фактот дека живееле заедно и имал заштитничка позиција спрема нив, но не го заштитил нивниот живот и здравје.

Двајцата обвинети на 20 јуни 2018 година грубо ја запоставиле својата должност за грижа и воспитување и ги запуштиле трите деца така што подолго време од денот ги оставиле децата сами во куќата во која живееле, а која ја сочинувала само една просторија.

Од Јавното обвинителство велат дека се работи за деца кои според својата возраст не можеле да се грижат сами за себе. Со тоа што ги оставиле сами во куќата обвинетите постапиле крајно несовесно и не воделе сметка за нивниот живот и нивното здравје. Во временскиот период во кој децата биле оставени сами, во куќата избувнал пожар во кој сите три деца го загубиле животот.