По 19 години затвор за убиството на Никола Саздовски: Еден од обвинетите се’ уште во бегство – ММС
ММС

Објавено на: 04/23/19 10:31 AM

По 19 години затвор за убиството на Никола Саздовски: Еден од обвинетите се’ уште во бегство

Обвинетите за убиството на Никола Саздовски Саздо, Бесир Беља и Скендер Демири денеска се осудени на по 19 години затвор. За немилиот настан кој се случи минатото лето во скопска Автокоманда, обвинет е и деветнаесетгодишниот Ј.Љ. кој е во бегство. Судијката, Даниела Алексовска-Стојановска денеска при изрекувањето на пресудите рече дека двајцата сториле кривично дело „убиство“, односно дека се виновни затоа што заеднички го лишиле од живот Никола Саздовски.

Судот ги задолжи обвинетите да платат судски паушал од по пет илјади денари во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата.

Иако судијката Алексовска-Стојановска посочи дека нема сума на парични средства која може да ја намали болката, таа соопшти дека Беља и Демири ќе треба да исплатат отштета од по 1.200.000 денари за таткото, мајката, братот и сестрата, а за бабата на Саздо 600 илјади денари.

Обвинителот побара на обвинетите да им биде продолжена мерката притвор, поради опасност од бегство:

„Предлагам да им се продолжи мерката притвор поради опасноста од бегство, а при тоа Судот при  одлучувањето за продолжувањето на мерката притвор да води сметка за последиците на кривичното дело, по однос на веќе  настанатата смрт на оштетениот Никола. Судот да има предвид дека се млади личности, кои немаат оформено семејство, па имајќи ја предвид висината на казната би се очекувало дека истите би се дале во бегство, а се’ со цел да се оневозможи понатамошно спроведување на пресудата“.

Адвокатот на Бесир Беља, Николче Наумов побара да се замени со куќен притвор.

Беља и Демири рекоа дека се согласуваат со ова и дека немаат што да додадат.

Овој судски процес почна на 9 ноември минатата година. На 7 февруари годинава беше извршна реконструкција на убиството на Саздовски во присуство на сведоците и вештите лица на автобуската постројка во Автокоманда.

Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Ј. Љ. (19), кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид” на булеварот „Александар Македонски” во Автокоманда.

Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза”.

Двајца од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје” во Шутка, а за трето осомничениот, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот, е распишана домашна и меѓународна потерница.

Основното јавно обвинителство за смртта на младиот Никола Саздовски – Саздо тројцата осомничени лица ги гони за кривично дело „убиство на свиреп начин”, дело кое пред преквалификацијата се водеше како „насилство”.

Ваквата одлука ОЈО, ја образложи со тоа што во текот на истражната постапка биле обезбедени вербални и материјални докази, односно биле испитани повеќе сведоци, бил прибавен обдукцискиот протокол од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, а особено по изготвеното судско-медицинско вештачење извршено по наредба на јавен обвинител од страна на истиот институт.