Фото: Македонска информативна агенција
Мирен и уреден беше денот на изборите – ова е оценката на Меѓународната мисија за набљудување на избори ОБСЕ/ОДИХР. Ден по првиот изборен круг, набљудувачите сепак забележуваат дека на законската регулатива и’ недостигаат измени, со кои процесот би бил пообјективен. Велат – законот дозволува демократски услови, но Изборниот законик не е скроен за потребите на претседателската трка.
Француската пратеничка, Серин Маборн која беше назначена за специјален координатор на кусорочната мисија на ОБСЕ/ОДИХР упати критика за меѓупартиските договори, врз основа на кои се спроведуваа делови од кампањата, во отуство на како што сметаат набљудувачите, експлицитни кампањски правила за кандидатите.
„Гласачите можеа да направат информиран избор меѓу конкурентните политички визии. И покрај некои технички предизвици, изборите севкупно беа добро администрирани. Регулаторните недостатоци беа делумно третирани преку меѓупартиски политички договори, но останува потребата да се финализираат претходно иницираните реформи на изборното законодавство“.
Политичките договори не можат да заменат добро изборно право и законодавство – порача шефицата на долготрајната мисија на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на изборите, Корин Јонкер.
„Преостанува многу работа во оваа област. Законската рамка не успева да обезбеди целосна транспарентност и отчетност, особено во делот на отчетноста финансирањето на кампањите. Претходните препораки на ОДИХР беа јасни во оваа смисла, но во најголем дел по нив не е постапено“.
Транспарентноста на финансирањето на изборната кампања, дополнително ја намалија и ограничувањата на Државниот завод за ревизија како примарно надзорно тело – изјави таа, потенцирајќи:
„Надзорот е ограничен на ревизија на информации поднесени од изборните кандидати и нема капацитет да истражува дали податоците се точни или нецелосни. Немаше воедначено известување за потрошувачката на кандидатите, немаше експлицитна регулација на кампањски активности од трети лица и немаше барање за трошоци настанати од политички партии кои ги поддржуваат кандидатите. Ова ја намалува ефективноста на надзорот“.
Меѓународната мисија на ОБСЕ/ОДИХР го набљудуваше вчерашното гласање со 240 набљудувачи од 38 земји. Тие најавија дека ќе го набљудуваат и вториот круг од изборите, кој е закажан за петти мај, но и активностите ќе следуваат потоа.
Вања Мицевска


