Најголемото јавно комунално претпријатие „Исар“ од Штип, во годишната сметка за 2018 година евидентирано вкупен долг кон добавувачи од 2.757.241 евра. Во исто време, речиси ист толкав износ побарува до должници, во износ од 2.316.675 евра. Меѓутоа, и покрај натежнатите обврски, раководството на „Исар“ на седницата на Советот на Општината Штип, се пофали дека крајот на 2018 година, ја дочекале со добивка од 10 милиони денари, а успеало да ја зголеми платата на вработени, па дури и да го исплати заостанатиот К15 за 2016 година.
Советникот Љубе Здравков од опозициската ВМРО ДПМНЕ праша како „Исар“ планира да го реши долгот, особено што К15 не спаѓа во обврски на едно јавно претпријатие.
-К15, како и платите се тековна обврска. Домаќинското работење се гледа во тоа како ги враќањето долговите кон банките и другите големи добавувачи. Како планирате тоа да го решите? праша Здравков, кој побара директорот на „Исар“ да ги објасни бројките – кому долгуваат, колку остана за враќање на кредитите и каматите.
Според годишната сметка, од тие 2,7 милиони евра долгови, најголема е обврската кон Министерството за финансии – 1.119.745 евра, кое го презеде стариот долг од 2000 година, што Исар требаше да го исплаќа на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД). Основниот долг е платен, но се наталожиле каматите. Уште еден долг на „Исар“ е преземен од Општината Штип, на која сега јавното претпријатие должи 211.274 евра. На разни добавувачи остануваат за враќање 1.156.556 евра, од кои 285.726 евра се камати за неплатени сметки кон ЕВН. Директорот Живко Тасев објасни дека очекува постигнување договор за плаќање на рати на долговите кон Министерството за финасии и ЕВН. Тасев, сепак рече дека во изминатата година успеале да намалат речиси 15 милиони денари од долгот.
-Од 13 милиони денари долг кон ЕВН, намалени се обврските на 3 милиони, „Ваго Петрол“ од 5 милиони, долгот сега е еден милион денари, на „Солар Пром“ од 15 милиони долгот го намаливме на 11 милиони, на компанијата „Еко Клуб“ на која и должевме 3,5 милиони денари и’ го вративме возилото, бидејќи било земено неисправно, кажа Тасев.
Меѓу тие на кои должи „Исар“ е и на адвокатот Васко Наумов, кој за четири години склучил договор за застапување на јавното претпријатие во износ од над 2,7 милиони денари. И нему долгот му е исплатен.
Во годишната сметка се набележани и значајни побарувања, од кои илустративно е дека најголемите должници на „Исар“ се домаќинствата. По основа на тужби од домаќинства, штипското комунално претпријатие побарува 1.440.438 евра. Над 355.000 евра имаат правните субјекти за неплатени сметки, а побарувањата од домаќинствата се над 406.000 евра. Интересно е „Исар“ очекува да наплати над 9000 евра, како што стои во извештајот, „ побарувања по основа на тужби кон поранешни инкасатори“.
ЈП „Исар“ е едно од местата кое служи за партиски вработувања. И покрај вака прикажаниот долг, бројот на вработени со години не само што не се менува, туку и расте. Плати од „Исар“ очекуваат околу 380 вработени.


