Меѓународен центар за уметност и одржлив развој „Арт Поинт – Гумно” од село Слоештица, Денот на планетата Земја ќе го одбележи со театарска претстава за најмладата публика од Демир Хисар.
Станува збор за премиерна изведба на претставата „Природа или отпад” што ќе ја гледаат децата од градинката „Втори септември” и учениците од прво до петто одделение од основните општински училишта – појасни претседателката на „Арт Поинт-Гумно”, Ирена Андреевска.
– Сценариото за претставата го напиша македонската актерка со светско реноме Наташа Петровиќ и е инспирирано според текстот на едукативната боенка за деца и возрасни „Чудесниот свет на компостирањето” публикувана во рамки на проектот „Природата предупредува – активности на заедницата за заштита на биодиверзитетот” што беше финансиран од Фондот за клима при германското Министерство за надворешни работи – додаде Андреевска.
Во театарската претстава за деца „Природа или отпад” што ќе биде изведена претпладнево во Демир Хисар, ќе настапат Ненад Митевски, Наташа Петровиќ и Бојан Кирковски, а дизајнот и костимографијата во претставата се на Воскресија Андреевска.


