Балканските медиуми за првиот круг на македонските претседателски избори – ММС
ММС

Објавено на: 04/22/19 8:58 AM

Балканските медиуми за првиот круг на македонските претседателски избори

За вчерашниот прв круг на претседателските избори во Македонија пишуваат и сите повлијателни балкански медиуми. ММС пренесува само дел од насловите објавени во нив вчера и денеска.

Босанските медиуми констатираат дека првиот изборен круг поминал мирно. „Македонците избираа претседател: Пендаровски и Силјановска-Давкова речиси изедначени“ („24 сата“); „Стево Пендаровски во предност на изборите во Северна Македонија“ („Дневник“).

„Пендаровски и Силјановска во фотофиниш“ е насловот во бугарски „Фокус“, а на БНТ „Излезноста на изборите во Северна Македонија рекордно ниска“. Словенички „Дневник“, пак, констатира: „Првиот круг од првите избори во Северна Македонија по промената на името помина мирно“.

За изборите пишуваа и хрватските медиуми. Еве дел од насловите во нив: „Слаб одѕив на изборите во Северна Македонија, вториот круг ќе биде неизвесен („Т портал“); „Претседателски избори во Северна Македонија: Граѓаните незадоволни од промената на името на земјата“ („Вечерњи лист“); „Неизвесен втор круг ќе има на претседателските избори во Северна Македонија“ („Дневно“); „Македонците на избори: Ќе му зададат ли удар на ВМРО или ќе искажат бес поради промената на името на државата“ (риечки „Нови лист“).

Еве некои поинтересни наслови и од медиумите во Србија: „Северна МК: Тесно на изборите, во вториот круг Пендаровски и Давкова“ („Танјуг“); „Претседателски избори во Македонија: Професорите во трка“ („Новости“); „Што донесува новиот референдум во Македонија? Сите изненадувања се во опција“ („Србија данас“); „Нови избори во земјата која изгуби четвртина од населението за 15 години и го промени името“ („Телеграф“); „Албанските гласачи куч за вториот круг“ („Политика“).