Граѓанската асоцијација „Мост“, која го следеше денешното гласање со повеќе од 1.500 набљудувачи, објави прелиминарни податоци добиени од ПВР-програмата според кои одѕивот на гласачите во првиот круг од претседателските избори е 41,67 отсто (со маргина на грешка од +/- 0,5 отсто).
Како што велат од „Мост“, од важечките ливчиња во првиот круг од претседателските избори добиени се следните резултати: Блерим Река (10,98 отсто), Гордана Силјановска-Давкова (44,32 отсто) и Стево Пендаровски (44,7 отсто).
Од таму напоменуваат дека поради фактот што резултатите за првите два кандидата се во маргината на грешка, во официјалните резултати може да има промена во редоследот на првите два кандидата според освоените гласови.
„На 1.160 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, беа распоредени исто толку набљудувачи, со што беа покриени 33 отсто од вкупниот број гласачки места во Република Северна Македонија“, истакнуваат од граѓанската асоцијација.
Прелиминарната оценка за спроведените избори „Мост“ ќе ја соопшти на прес-конференција, која ќе се одржи во текот на утрешниот ден.


