Набљудувачите на Цивил – Центар за слобода регистрирале повеќе неправилности во текот на изминатите часови од гласањето на Претседателските избори 2019, при што нотирани се дури и комични ситуации. На членовите на Избирачки одбор им делеле банички, а гласач им дал пари „за да купат кафе“. На Избирачко место 2281 во ПОУ „Тошо Арсов“ во Општина Штип, набљудувач на акредитирана странска организација инсистирал тој да работи на УВ ламбата, а револтирана граѓанка од фактот дека нејзиниот поранешен сопруг, кој со години не живее во државата, се уште е на Избирачкиот список, наместо да се потпише, го пречкртала тој избирач на списокот, по што дошло до расправија со одборот, а интервенирала и полиција.
На Избирачко место 2398 во ОУ „Крсте Мисирков“, во Општина Гази Баба, членови на Избирачки одбор правеле „селфи“, со шеги дека една фотографија е за Инстаграм, а другата за Фејсбук. На ИМ 2934 во ОУ „Никола Вапцаров“ во Општина Чаир, активисти на една политичка партија прашувале за излезноста и делеле банички за сите членови на ИО по училниците.
Забележани се и повеќе неправилности, врзани околу гласачкото право на лицата со посебни потреби, семејно и групно гласање, како и повеќе поединечни случаи на неможноста за остварување право на глас поради тоа што граѓаните не биле во Избирачкиот список.


