Момче и бебе во тешка состојба на скопските клиники поради компликации од морбили – ММС
ММС

Објавено на: 04/20/19 7:02 PM

Момче и бебе во тешка состојба на скопските клиники поради компликации од морбили

Шеснаесет годишнo момче и 11 месечно бебе се во критична состојба на две скопски клиники поради компликации од морбили.  Момчето кое е со церебрална парализа е на Инфективната клиника, додека бебето е на Детската клиника и е приклучено на апарати. На одделот за интензивно лекување во потешка здравствена состојба се и двајца возрасни пациенти и три деца. На Инфективна вчера биле прегледани 9 случаи со симптоми на морбили, тројца од нив биле задржани на лекување. Станува збор за 25 годишен пациент од Гостивар, дете на една и пол година и 42 годишен маж од Охрид. Највозрасниот е вакциниран со една доза, а детето и момчето од Гостивар воопшто не биле вакцинирани.

За да се овозможи повеќе простор на Детската клиника за хоспитализација на потешки случаи со морбили, бебињата кои се со лесна клиничка слика се препраќаат во болницата во Козле.

-Има три дечиња од 6 месечна до двегодишна возсрат ко исе со морбили. Кај двајца е докажана заразата а третото е суспектно. Но ние имаме протокол во установата кој стриктно го почитуваме за оваа цел. Заболени од персоналот немаме, сите се вакцинирани. За да се спречи понатамошно ширење дадени се сите препораки за намалување на бројот на заразени од соодветните комисии, вели директорот Ангелчо Андоновски.

Докторка и болничарка на Клиника за неврологија пред два дена заболеле од морбили, најверојатно се заразиле од пациентка која пред две недели била хоспитализирана поради слабост во нозете. Таа била негувателка во една од скопските градинки, а осипот се појавил додека престојувала на Клиниката.

Поради оваа ситуација, од вчера на сите вработени на Неврологија им била земена крв за анализа за да се утврдат антителата во крвта, по што ќе се вакцинираат тие што ги немаат. Иста наредба има и за негувателките и воспитувачките во градинките кои најдоцна до среда мора да го проверат својот вакцинален статус.

Во епидемијата со мали сипаници регистрирани се вкупно 122 случаи кај медицинскиот персонал во здравствени институции, потврдуваат во Институтот за јавно здравје.

Најголем број на заболени од морбили од медицинскиот персонал досега има на Детската клиника (вкупно 20 за последните 3 месеци), во Општата болница во Струга, вкупно 9, по еден или двајца вработени во другите здравствени установи.
Од  13 април до денеска во државата се регистирани 121 заболен од мали сипаници (лабораториски потврдени или поврзани со епидемиолошка врска), што е за пет помалку од претходната недела кога беа пријавени 126 случаи, се наведува во Извештајот на Институтот за јавно здравје.
Во вторникот беше прогласена епидемија на ниво на цела држава.
Преземено:novatv.mk