Во организација на движењето на „Жолтите елеци“, ширум Франција денеска се одржуваат нови протести од кои беше упатено „потсетување“ до Владата дека обновата на катедралата Нотр Дам не е единствениот проблем што треба да се реши во земјата.
Според француските медиуми, во текот на денешните, 23-ти по ред саботни протести на „жолтите елеци“, полицијата привела повеќе од 120 лица, a неколку метро станици биле затворени. Француските медиуми објавија дека биле запалени и неколку автомобили.
Демонстрантите побараа намалување на даноците за работниците и пензионерите и зголемување на даноците за богатите.
Еден од лидерите на „жолтите елеци“, Пјер Дерие вчера на Фејсбук објави дека движењето „изразува негодување затоа што за четири дена е собрана милијарда за камења, а за сиромаштијата ништо“.
Француското Министерство за внатрешни работи вчера соопшти дека за време на денешните протести ширум Франција ќе бидат распоредени околу 60.000 полицајци, и дека нема да бидат дозволени собири околу Нотр Дам.


