Тоа што албумот „Момома“ содржи шест постандардни песни од она на што досега сме навикнати и вие и ние, за нас претставува своевиден експеримент, затоа што досега правевме експерименти, сега направивме албум баш со песни – вели вокалистот и текстописец на „Фолтин“, Бранислав Николов, а во уметничко-пријателските кругови препознатлив како Пијан Славеј.
Покрај стандардните членови на „Фолтин“ (Бранислав Николов – глас, Пеце Трајковски-Брада – гитара и сајзер, Гоце Јованоски – бас, Славчо Јовев – тапани, Пеце Николовски – кларинет и усна хармоника), на овој албум гостуваат и Петар Димитровски – клавијатури, Владан Дробицки – тромбон и Васко Бојаџиски – саксофон.
Наскоро ќе биде познат и датумот кога ќе се одржи концертната промоција на овој албум во Скопје, а бендот веќе ги има исцртано и контурите на турнејата низ земјава која треба да почне да се реализира од јуни.


