Судот тврди дека не пресудил надомест на штета од 100.000 евра за 1ТВ – ММС
ММС

Објавено на: 04/18/19 4:22 PM

Судот тврди дека не пресудил надомест на штета од 100.000 евра за 1ТВ

Основниот суд Скопје 2 демантира дека донел одлука за надомест на штета од 100.000 евра за 1ТВ, туку дека судското решение е времена мерка за објавување на ценовникот на телевизијата на интернет страницата на ДИК.

„Судот со Решението не досудува оштета, ниту пак од содржината на истото не произлегува дека е досудена штета на 1ТВ. Дали телевизијата може да добие 100.000 евра или не, тоа може да биде предмет на друга постапка водена пред овој суд за времена мерка“, се вели во демантот на Основниот суд Скопје 2. На ова решението на судот, ДИК веќе испрати жалба до Апелациониот суд во која наведува дека ДИК ниту може ниту смее надвор од законскиот рок да додава или одзема радиодифузер од она што е објавено на ВЕБ страната, туку едноставно преку тоа објавување само констатира кој доставил ценовници во законскиот рок.

1ТВ го тужи ДИК што не и’ дозволил објавување на ценовникот за платен политички маркетинг, иако телевизијата го доставила ценовникот со задоцнување од осум дена. Но, и покрај тоа,  судиката Сузана Дончевска преку времена мерка и’ озвоможи на телевизијата да го објави ценовникот, која почна со огласување на политичките партии, што Управниот суд смета дека е незаконски.

Во своето решение, судиката Дончевска не појаснува врз основа на кој член од Изборниот законик ја донела времената мерка.

Прво на оваа одлука, реагираше Здружението ММА 5-те национални телевизии, кое  смета  дека Основниот суд Скопје 2 нема надлежност да се меша во управни спорови кои се надлежност на Управниот суд.Од Републичкиот судски совет бара разрешување на Дончевска поради незаконско постапување.

„Во наводниот демант од судот, со ниту една реченица не е објаснето, од каде судот ја црпи ингеренцијата за да се меша во управна постапка, и како може граѓански суд да и наложува на ДИК како да постапува во предмети прецизно уредени со Изборниот законик, и да и наложува на ДИК веднаш да го објави ценовникот на 1ТВ, иако за тој спор надлежниот Управен суд, веќе два пати се произнесе дека ДИК не треба да го објави ценовникот“ се вели во реакцијата на ММА.

Од Агенцијата за аудио и аудио визуелни услуги се на став дека постапката на Државната изборна комисија била во согласност со Изборниот законик и правилата за политички маркетинг.

1ТВ, каде како правник работи синот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, почна со платено политичко рекламирање. Меѓутоа, доколку Апелацискиот суд ја прифати жалбата на ДИК и  одлучи дека 1ТВ немала право да објави ценовник по истекот на рокот, што е недвосмислено во Изборниот законик, емитувањето на спотовите на 1ТВ ќе може да се смета како кривично дело –  нелегално финансирање на политичка кампања од страна на медиум.