И по неколку милиони евра годишно државата исплаќа од буџетот за обесштетување на земјоделските производители поради штети во производството од град. Стручните лица предупредуваат дека државата наместо да исплаќа штети е потребно да го активира системот за одбрана од град, кој што бил активен во минатото и благодарение на неговото дејствување се спречувала загуба на земјоделското производство. Иако се најавуваше од МЗШВ дека овој систем ќе биде повотрно во функција, засега тоа не е сторено.
„Нестабилното време не следи и затоа од стратешки аспект за Република Македонија е да имаме организирана против градобијна служба, бидејќи знаеме колку пари исплаќа државата за штети. Тоа е потребно да се направи со еден смислен пристап, бидејќи тој систем беше функционален и беше од голема корист за сите. Земјоделските производители тогаш имаа една сигурност. На „Пожар“ се следеа облаците и се разбиваа градобијните облаци. На тој начин имавме спас на земјоделството. Последните години имаме катастрофални штети“ вели проф. Д-р Ристо Вучков.
Тој нагласува дека се почесто се отвораат осигурителни компании кои нудат осигурување и на земјоделските посеви, но кога ќе се случи штетата од град земјоделците добиваат многу мали обесштетувања и повторно се бара штетата да ја плати државата.
Д-р Вучков нагласува дека особено во производните региони на храна во земјава, час поскоро треба да профункционира хидро метеоролошки систем кој ќе делува и при појава на градо носни облаци. Само на тој начин, вели Вучков, државата ќе заштеди и нема да исплаќа секоја година штети, а загуби нема да трпи и македонското земјоделство.
Ангел Данов


