Национален натпревар за зелени идеи петтипат се организира од страна на Здружението за социјални иновации „Арно” во Скопје. Целта на натпреварот е преку бизнис идеи да се поттикне развојот на екологијата во државата и да се промовира традиционална изработка на производи со ресурси од локалната заедница. Повикот е објавен годинава на 10 април и ќе трае до 2 јуни.
Освен во нашата земја натпреварот се одржува секоја година и во Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Грција.
– Петта година по ред го администрираме националниот натпревар за зелени бизнис идеи, пет години веќе работиме на поткревање на свеста за зелената економија и од година во година сме се повеќе изненадени колку оваа дефиниција е широка и колку со иновација можат многу зелени бизниси да се развијат во државата. Станува збор за регионален натпревар што поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во нашата земја, во Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово а од годинава и во Грција. Затоа, годинава наместо три регионални награди, ќе има четири регионални награди, рече Ирина Јаневска, претседател на „Арно” на денешниот промотивен настан за натпреварот во Скопје.
Појасни дека апликантите треба да имаат детален план, визија, да го имаат преценето локалниот пазар и идеи што ќе дадат придонес кон развој на локалната економија.
– Терминот зелени идеи подразбира идеи во кои се интегрирани локалните, економските, социјалните и еколошките приоритети и потреби на заедница. Аспектот на заедницата е многу важен во овие зелени идеи, и тие подразбираат користење ресурси и знаење од локална заедница. Овие идеи се важни за придонесување одржлив развој и истите се во насока на заштита на животната средина. Повикот е објавен годинава на 10 април и ќе трае до 2 јуни годинава. На конкурсот може да учествуваат индивидуалци, социјални претприемачи, граѓански организации и мали приватни компании, рече Ирена Андреевска, член на „Арно”.
До сега, во нашата земја се инвестирани 40.000 долари во четири македонски победници на регионалните натпревари: Кооперативата на органски потрошувачи „Наша добра земја”, фирмата за репарирање и реупотреба на стар мебер „СПИН”, еко-магионичарот Кристиан Шопов и стартапот „Храна за сите”.


