Власта најавува нови мерки за поддршка во земјоделието – опозицијата реагира земјоделците се потценети – ММС
ММС

Објавено на: 04/16/19 6:31 PM

Власта најавува нови мерки за поддршка во земјоделието – опозицијата реагира земјоделците се потценети

По завршувањето на претседателските избори, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе им понуди на земјоделците нови мерки, со цел поголема финансиска поддршка за развој на земјоделството. Ова денеска на средба со земјоделците во Ранковце, го најави министерот Љупчо Николовски.

Тој рече дека е изненаден од интересот за искористување на мерките кои ги нуди ИПАРД програмата, особено од интересот на руралните жени.

Николовски најави и зголемена поддршка за земјоделките, кои ќе имаат можност за грант од три илјади евра.

„Кај мерката млад земјоделец ќе се зголеми износот на грант од 10 на 20.000 евра, за набавка на приплоден добиток одвоивме 1,5 милиони евра, и тука го гледаме интересот за набавка на добиток од увоз, за којшто имаме побарувања од страна на земјоделците поголеми до предвидениот износ, а истиот е неколкукратно зголемен во однос на програмите од претходните години“, изјави Николовски.

Тој посочи дека за неколку дена ќе објавен новиот повик за мерката за набавка на механизација, каде што буџетот за 2019 година е неколкукратно зголемен, а ќе изнесува 60 милиони денари.

Во меѓувреме, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој соопшти дека денеска се исплатени над 80 отсто од вкупно планираната сума за субвенции за тутунот од реколтата 2018-та. На сметките на 26.776 тутунопроизводители денеска се исплатија над 27 милиони евра. Во моментов уште една компанија откупувач на тутун нема доставено списоци до Платежната агенција, затоа исплатата за тие тутунопроизводители ќе се реализира во следните неколку дена.

Ова наиде на реакција кај опозицијата. Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски власта прави обид за поткупување на земјоделците.

„Денеска слушнав дека конечно после месеци тактизирање ги исплатил практично субвенциите за земјоделците и добро е тоа што го направил, ако го направил затоа што тие луѓе конечно за својата мака, за својот пот, за својот труд добиле она кое што државата по редовна основа треба да им го исплати, а тоа се субвенциите. Но, они повторно го потценија народот, повторно го навредија народот. Тактизираа со месеци, не исплаќаа и мислеа дека сега три дена пред да се случи гласањето на претседателските избори дека на тој начин практично ќе го поткупат народот. Повторно го потценија и повторно го навредија народот. Добро е што им текнало ова да го направат, но, народот тоа што мисли ќе има кажи на 21 април и на 5 мај. Јас сум сигурен дека на 21 април земјоделците ќе му кажат едно големо збогум и на овој министер и на неговиот ментор Зоран Заев“, реагираше Мицкоски на денешната средба со граѓани во Сарај.