СДСМ го осуди упадот во штабот на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци – ММС
ММС

Објавено на: 04/16/19 4:49 PM

СДСМ го осуди упадот во штабот на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци

Кавадаречките социјалдемократи го осудија упадот во партиските простории на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци, кој се случил синоќа  и побараа полицијата да го пронајде сторителот, како што рекоа, на тој вандалски чин. Портпаролот, Вуко Мелов ги отфрли обвинувањата за било каква вмешаност на СДСМ во овој случај.

„Целокупен интерес на граѓаните е целиот овој случај, што е можно побрзо да биде расчистен, за да излезе на виделина манипулацијата и лагата која О.К ВМРО-ДПМНЕ од Кавадарци овде ја прави.   О.К на ВМРО-ДПМНЕ од Кавадарци е познат по лажни пријавувања за наводна наша вмешаност во оштетување на  делови од нивните партиски простории и во претходни изборни циклуси. Ниту во минатото, ниту пак денес Социјалдемократски сојуз на Македонија учествувал во било каков вандалски чин“ рече Мелов и нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ биле приморани на очајни потези поради слабата поддршка што ја имал нивниот претседателски кандидат кај кавадарчани.

Упадот во штабот на ВМРО-ДПМНЕ го потврди и портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски. Тој нагласи дека полицијата работи на расчистување на случајот.

Кавадаречкиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека ноќеска од нивните партиски простории била украдена документација, откако биле обиени вратите. Вината ја фрлија на СДСМ, нагласувајќи дека тие биле уплашени бидејќи ќе загубеле на претседателските избори.

 

Ангел Данов