Не е точно дека постои апликација „Големото око“, како лажно што обвинува ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак дека е прекршен изборниот процес или личните права на граѓаните, најмалку дека се прекршени законите. Вака реагираа попладнево од СДСМ, откако опозицијата обвини дека направиле апликација за да ги следат податоците на граѓаните.
СДСМ денеска ги негираше таквите информации, оценувајќи дека се работи за измислици.
Контрадикторноста и невистините пласирани од ВМРО-ДПМНЕ се гледаат во тоа што во еден пасус тврдат дека постои апликација која се користи од страна на членови на СДСМ и која прибира податоци од сите што ја симнале (значи членовите на СДСМ), а во друг пасус пак тврдат дека преку истата апликација се прибираат информации за интернет ативностите на сите граѓани. Едното со другото тврдење на ВМРО-ДПМНЕ е контрадикторно и неточно, очигледно во брзање да наведат што повеќе невистини ги измешале лончињата , велат од партијата.
СДСМ користи современ, иновативен начин на водење кампања, модел којшто е преземен од сестринските партии од Шведска. Системот не прибира лични податоци на граѓаните, не содржи фотографии, ниту дата податоци од паметни телефони ниту интеренет активности. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ кои знаат само за злоупотреби, притисоци, закани и уцени, СДСМ спроведува современа кампања поврзана исклучиво со работата на сопствените активисти и наведените барања на граѓаните – се додава во партиското соопштение.


